ЗАПОМНЕТЕ ЈА ЛУДАТА ТОЛПА ВО КАПИТОЛ, ПОРАЧА БАЈДЕН ПРЕД ИЗБОРИТЕ - популарноста на американскиот претседател драматично падна на 39 отсто
Дојде време да се брани демократијата, тврдеше синоќа американскиот претседател Џо Бајден, обраќајќи им се на гласачите за време на неговиот последен митинг, еден ден пред среднорочните избори кои ќе одлучуваат за остатокот од неговото претседателствување.
„Искрено знаеме дека нашата демократија е загрозена“, рече Бајден на овации од публиката на историскиот црнечки универзитет во Мериленд, држава во близина на Вашингтон.
Ве повикувам да ја браните демократијата, рече американскиот претседател, молејќи за гласови за демократите на среднорочните избори. „Ќе бидеме таму. Моќта во Америка е онаму каде што отсекогаш била: во ваши раце, во рацете на народот“, додаде тој, според агенцијата Франс прес.
„Ние сме тие што го намалуваат дефицитот, дозволувајќи им на обичните Американци да направат мал одмор“, рече Бајден, пофалувајќи ја легислативата усвоена од Конгресот контролиран од демократите во неговите први две години на функцијата.
„Запомнeте ја лудата толпа“
Како што објави Би-Би-Си, тој по име ги критикуваше конгресменката од Џорџија, Марџори Тејлор Грин и сенаторот од Флорида, Рик Скот и тврдеше дека републиканците ќе ги укинат социјалните програми како Медикер и Медикејд. „Тие сакаат да ги стават бенефициите за ветераните на линија, сè“, рече тој.
Бајден го критикуваше републиканскиот кандидат за гувернер на Мериленд, велејќи дека 14 пати се обидел да го забрани абортусот. Тој ги повика гласачите во Мериленд да се сетат на „лутата толпа што упадна во американскиот Капитол“ на 6 јануари 2021 година, тврдејќи дека „демократијата е на гласачкото ливче“.
Според него, сега има 300 кандидати кои се натпреваруваат низ целата земја кои оспоруваат дека тој го победил Трамп на изборите во 2020 година. „Тие не само што се обидуваат да ви го ускратат правото на глас, туку се обидуваат да го ускратат и правото да ви се преброи гласот “, рече американскиот претседател, нарекувајќи ги поддржувачите на Трамп големи губитници.
„Избори на две многу различни визии“
„Овие избори не се референдум, тоа се избор“, рече Бајден, тврдејќи дека тоа е „избор помеѓу две многу различни визии за Америка“.
Среднорочните избори обично се гледаат како еден вид референдум за тоа како претседателот ги извршува своите должности. Кандидатите од опозициските партии имаат тенденција да имаат добри резултати во споредба со партијата што ја држи Белата куќа. Со тесно мнозинство во Претставничкиот дом и Сенатот, демократите му овозможија на Бајден да ги исполни своите ветувања за инвестирање во чиста енергија, борба против пандемијата „Ковид-19“ и финансирање на реконструкција на патишта и мостови.
Инаку, јавната поддршка за американскиот претседател Џо Бајден падна на 39 отсто вчера во анкетата на Ројтерс/Ипсос, што ги зголеми очекувањата кај непартиските прогнозери дека неговата Демократска партија се соочува со пораз на среднорочните избори.
Дводневната национална анкета покажа дека одобрувањето на Американците за управувањето на Бајден со претседателството паднало за еден поен, приближувајќи се до најниската точка од неговиот мандат. Непопуларноста на Бајден, исто така, влијае на широко распространето мислење дека републиканците ќе ја освојат контролата врз Претставничкиот дом, а можеби и врз Сенатот на САД.
Прогноза: Републиканците лесно би можеле да освојат мнозинство во Претставничкиот дом
Центарот за политика на Универзитетот во Вирџинија вчера предвиде дека републиканците лесно можат да освојат мнозинство во Претставничкиот дом и тенко мнозинство во Сенатот. Контролата дури и на еден дом на Конгресот ќе им даде на републиканците моќ да ја запрат законодавната агенда на Бајден.
Преземајќи ја функцијата во јануари 2021 година, среде пандемијата „Ковид-19“, Бајден се соочи со економските лузни од глобалната здравствена криза, вклучително и вртоглавата инфлација. Оваа година, одобрувањето на неговиот претседателски мандат падна на дури 36 отсто во мај и јуни.
Што гледаат Американците како најголем проблем?
Во овонеделната анкета на Ројтерс/Ипсос, околу една третина од испитаниците ја навеле економијата како најголем проблем во земјата, додека само 10 отсто го навеле криминалот. Околу еден од 15 изјави дека најголемото прашање е ставање крај на правото на нацијата на абортус, по одлуката на Врховниот суд во јуни со која се укинаа правата за абортус на национално ниво.
Анкетата на Ројтерс/Ипсос, спроведена преку Интернет низ САД, опфатила 1.004 возрасни, меѓу кои 424 демократи и 390 републиканци. Маргината на грешка е плус/минус 4 проценти.
Фото: ЕПА
