Запира производството во најголемиот автомобилски погон во Европа
Пред повеќе од една година во Хенк, автомобилскиот концерн Форд најави затворање на неговата фабрика во градот. До крајот на годинава ќе запре производството во некогаш најголемиот автомобилски погон во Европа.
Хенк пред една година, вжештена атмосфера. Форд објави дека на крајот на 2014 година ќе го затвори некогаш најголемиот погон за производство на автомобили во Европа.
Во едно кафуле во Хенк сега повторно се среќаваме со Петер Хулсман. Тогаш беше сосем очаен, но токму денеска поптиша нов договор за работа. Во тој поглед е исклучок, еден од неколкуте стотици кои уште некако успеаја да најдат нова работа.
„На почетокот постојано си велев - ќе биде многу тешко. 27 години во Форд, многу колеги ... Ја знам работата, ги познавам луѓето. Така беше, тоа беше мојот живот. Но, кога ќе гледам понатаму, имам нова работа, сигурна плата, знам дека ќерка ми може да студира... За мене испадна сосем добро. Среќен сум што вака се заврши“, вели Хулсман.
„Наредната година Хенк ќе се соочи со многу голем проблем. Не е само што Форд и лиферантите ги затвораат погоните. Тука се и кафеаните, рестораните, малите продавници, специјализираните продавници - сето ќе го има се’ помалку и помалку. Оти, луѓето остануваат само со парите што ги имаат тргнато настрана.“
Градоначалникот на Хенк, Вим Дриз во модерното градско собрание, реновирано со сретства од Форд, веќе сега нема пари.
„Ние, градот Хенк, бараме од Форд обесштетување од 61 милион евра за финансиските штети, оти планиравме дека ќе останат овде до 2020 година, како што ветија“, вели Дриз.
Многу работници купија куќи, оти сето изгледаше толку сигурно. Влегоа во големи долгови, а сега нивните животни планови се уништени. Очајни, многумина побараа лекарска помош. Не сите. Четворица пациенти веќе се самоубија. Матичниот лекар Харие де Вите е сериозно загрижен.
„Од моето 40-годишно лекарско искуство знам што предизвикува ова во луѓето, во нивните семејства. Тие сега се’ уште имаат работа, социјални контакти и уште претставуваат заедница. По една година ќе бидат изолирани.“, вели де Вите
Форд веќе драстично го намали производството во Хенк. Синдикатите барем се изборија за високи отпремнини. Но, мнозинството од вработените има намера да остане до горкиот крај, некако да се бори.
„Искрено речено, среќен сум што си отидов одовде. Кога сега ги гледам луѓево што излегуваат и знам колкав притисок имаше повторно таму, како повторно беше зборувано, што се’ таму се случува, среќен сум што за мене тоа заврши.“, вели Петер Хулсман, поранешен работник на „Форд“ во Белгија
И за нив наскоро ќе заврши. Но, тие уште грчевито се држат за она малку работа, што Форд уште им ја дава.
Извор: DW
Слично
