ЗАЛУЖНИ НЕ СЕ ЖАЛИ, НО ЗА ПОБЕДА ИМ ФАЛИ ОРУЖЈЕ: Контраофанзивата на украинската армија е заглавена во рововите
Врховниот командант на украинската армија, Валериј Залужни вели дека најверојатно нема да има длабок и убав пробив во контраофанзивата.
Залужни кажа дека испораките на оружје од Западот сепак не се доволни за Киев да победи, туку само да се одржи во војната.
„Контраофанзивата на украинската армија е заглавена во рововите“, вели за „Економист“ врховниот командант Валериј Залужни.
Според него, контраофанзивата ќе биде во ќор-сокак освен ако Украина не добие некаква нова технологија од Западот со која ќе добие предност. Политико пренесе дека се работи за „отрезнувачко“ интервју.
Залужни изјавил дека има изгледи војната да биде долга, што ќе ѝ даде предност на Русија. Тој додаде и дека тоа што Западот претпазливо ѝ обезбедува оружје на Украина направило Русија да мобилизира илјадници трупи и да ги зајакне своите позиции.
„Тие (од Западот) не се обврзани да ни дадат ништо, а ние сме благодарни за она што го имаме, но јас едноставно ги кажувам фактите“, вели тој.
Врховниот командант смета дека комбинирањето на старите методи на војување со супериорноста во технолошкото војување може да ѝ дозволи на Украина да се избори со пргав напор и со флексибилност.
За пет месеци откако Украина ја почна очекуваната контраофанзива, нејзините трупи напреднаа само 17 километри низ силно утврдени и минирани руски одбранбени линии.
Руската инвазија на Украина почна лани на 24 февруари. Украина врати голем дел од територијата која првично Русите ја окупираа, но сега со новата контраофанзива сака да го врати и остатокот под своја контрола.
фото: Икс/принтскрин
