Захарова тврди дека Русија сакала да избегне насилно сценарио во Украина
Русија со години правеше сè за да спречи насилно сценарио во Украина, вели Марија Захарова, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
Захарова истакна дека договорите од Минск биле прилика за Киев, но дека украинските власти од самиот почеток немале намера да го спроведат договореното.
„Долга низа години правевме сè за да спречиме ситуацијата во Украина да се влоши и за да избегнеме насилно сценарио“, кажа Захарова.
Таа рече дека секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Алексеј Данилов претходно неделава дал изјава дека киевскиот режим никогаш немал никакви планови за спроведување на договорите од Минск.
Украинската страна денеска објави дека руските војски при контраофанзивата во Херсон претрпеле големи загуби.
