ЗАХАРОВА ТРДИ: ЕУ и САД направија робови од украинскиот народ
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска на радио Спутник изјави дека акциите на земјите од Европската унија и САД ја доведоа Украина во позиција на ропство во однос на Западот.
Захарова ги коментираше зборовите на германската министерка за надворешни работи Анален Бербок, која рече дека изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека Русија „ќе му помогне на народот на Украина да се ослободи од антинародниот и антиисторискиот режим на Киев“ укажува на намерата на Русија целосно да ја потчини Украина.
- Можам да и одговорам дека акциите на нејзината земја, заедно со акциите на земјите од ЕУ и САД, ги направија Украина и украинскиот народ ропски зависни од западните земји - рече Захарова.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров неодамна призна дека крајната цел на Москва е да ја собори владата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На самитот на Арапската лига во Каиро, Лавров рече дека Москва е решена „да им помогне на Украинците да се ослободат од товарот на овој апсолутно неприфатлив режим“.
Лавров ги обвини Киев и западните сојузници дека „шират пропаганда со цел Украина да стане вечен непријател на Русија“.
- Рускиот и украинскиот народ ќе продолжат да живеат заедно. Ние секако ќе му помогнеме на украинскиот народ да се ослободи од режимот кој е апсолутно антинационален и антиисториски - додаде Лавров.
