Захарова реагира за Гренланд: Да не се занемаруваат руските интереси
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова предупреди да не се занемаруваат руските интереси на Арктикот.
„Сите обиди да се игнорираат интересите на Русија во поларниот регион, пред сè во областа на безбедноста, нема да останат без одговор и ќе имаат многу далекусежни последици“, изјави Захарова.
Таа ја критикуваше воената извидувачка мисија на неколку европски членки на НАТО за подобра заштита на автономниот остров Гренланд што ѝ припаѓа на Данска, нарекувајќи ја „следна провокација од западните земји кои исто така сакаат да го наметнат својот ред во овој регион на светот“.
Таа рече дека европските држави треба да бидат свесни дека ова ја загрозува безбедноста на Русија како рамноправна арктичка приморска или крајбрежна држава.
Русија, со својата долга северна крајбрежна линија на Северниот Леден Океан, го смета Арктикот за своја сфера на интерес. Таа сè повеќе ги користи морските патишта во регионот и го проширува своето воено присуство.
Американскиот претседател Доналд Трамп често ги наведува руските и кинеските активности во близина на арктичкиот остров како причина за неговото барање за контрола врз Гренланд, велејќи дека нивното присуство го прави островот клучен за безбедносните потреби на САД.
Жителите на Гренланд не сакаат да бидат дел од САД. Трамп дури споменуваше и дека сака да го купи островот.