Захарова: Москва е отворена за разговори за Украина, но бара конкретен исход
Москва е подготвена да учествува во преговори за Украина доколку тие водат кон јасен и конкретен резултат, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Во изјава за РИА Новости, Захарова порача дека Русија останува отворена за дипломатски контакти и за преговарачки процес, нагласувајќи дека за Москва е важно разговорите да имаат практична цел и мерлив исход. Таа оцени дека западните лидери сè повеќе го насочуваат вниманието кон други светски кризи, меѓу кои и случувањата на Блискиот Исток.
Според Захарова, Русија и понатаму го разгледува можниот мировен план предложен од САД, но останува со став дека трајно решение е можно само доколку се земат предвид, како што наведува Москва, причините што довеле до конфликтот. Таа притоа ги посочи безбедносните прашања и проширувањето на НАТО како дел од темите што, според руската страна, мора да бидат опфатени.
Портпаролката на руското МНР предупреди и на можни инциденти околу руските дипломатски претставништва во Европа во пресрет на 9 мај, Денот на победата. Таа рече дека руските служби се подготвени за такви сценарија и очекува земјите домаќини да ја обезбедат сигурноста на руските дипломати.
„Секојдневно сме подготвени за провокации, бидејќи тие практично се случуваат секој ден. Ги видовме и психолошки сме подготвени за нив“, изјави Захарова.
Таа додаде дека во изминатите години имало поединечни инциденти за време на одбележувањата на Денот на победата во странство, главно без поголеми нарушувања.
„Провокации имало, има и, за жал, ќе има. Дали сме подготвени? Да, апсолутно“, порача Захарова.
