ЗА СРЕЌА, ПОМИНА ОПАСНОСТА ОД ЦУНАМИ - силен земјотрес ја погоди Индонезија
Силен земјотрес со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала ја погоди источна Индонезија, предизвикувајќи предупредување за цунами, соопшти метеоролошкиот оддел, но нема информации за жртви или материјална штета. Опасноста од цунами помина, соопштено е нешто подоцна.
Епицентарот на земјотресот бил на 112 километри северозападно од Ларантука, во источниот дел на индонезискиот остров Флорес, на длабочина од 12 километри.
Веднаш беше издадено предупредување за цунами за регионот Малуку, источните и западните острови Мала Сунда и југоисточниот и јужниот дел на Сулавеси.
По првиот земјотрес следеше втор со јачина од 5,6 степени.
Шефот на Агенцијата за ублажување на катастрофи во Ларантука, Алфонс Хада Бетан, рече дека нема непосредни извештаи за штета и дека земјотресот се чувствувал со минути додека луѓето ги напуштале своите домови.
Луѓето на социјалните мрежи објавија дека земјотресот силно се почувствувал и во Макасар во јужен Сулавеси.
Тихоокеанскиот центар за предупредување за цунами со седиште во САД соопшти дека се можни опасни бранови за бреговите на оддалеченост од 1.000 километри од епицентарот на земјотресот врз основа на прелиминарните параметри на земјотресот.
Индонезија се наоѓа на Пацифичкиот огнен прстен, област со висока сеизмичка активност лоцирана на повеќе тектонски плочи.
