ЗА САД КАТАЛОНИЈА Е ДЕЛ ОД ШПАНИЈА: Ќе ги гонат ли каталонските лидери?
Американскиот Стејт департмент ги поддржува напорите на Шпанија да го спречат осамостојувањето на Каталонија.
За официјален Вашингтон, Каталонија е интегрален дел на земјата која има поддршка од САД да остане единствена.
„САД ја поддржува Владата на таа држава во уставните мерки да ја одржат државата силна и единствена“- изјави портпаролката на Стејт департментот, Хедер Науерт.
Шпанскиот Јавен обвинител планира да покрене обвиненија за бунт против одговорните политичари кои изгласаа независност на Каталонија, соопшти канцеларијата на Обвинителството.
Обвинителот разгледува дали да се покренат обвиненија само против каталонската влада, вклучувајќи ги лидерот на автономната област Карлес Пуџдемон и вицепремиерот Уриол Жункерас, или да бидат опфатени и членови на раководството на каталонскиот парламент, како и пратеници, истакна портпарол на шпанското Обвинителство.
Обвиненијата би можеле да бидат подигнати уште в понеделник.
Шпанскиот закон предвидува казни до 25 години затвор поради бунт, со полесни пресуди доколку бунтот не предизвикал насилство.
