За прв пат во историјата: За една година Канада го зголеми населението за над милион жители
Населението на Канада порасна за повеќе од еден милион луѓе за прв пат минатата година, благодарение речиси целосно на меѓународната миграција, соопшти владата.
Населението на земјата се зголемило од 38.516.138 на 39.566.248 луѓе, според официјалната канадска статистика, пренесува Би-би-си.
Зголемувањето од 2,7 проценти претставува највисока годишна стапка на раст на населението во Канада од 1957 година.
Зголемувањето на населението беше делумно поттикнато од владините напори да регрутира мигранти во земјата за да се олесни недостигот на работна сила, соопшти канадската статистика.
Статистика на Канада, исто така, објави дека зголемувањето на бројот на постојани и привремени имигранти може „исто така да претставува дополнителни предизвици за некои региони во земјата поврзани со домувањето, инфраструктурата и транспортот, како и обезбедувањето услуги за населението“.
Меѓународната миграција учествува со речиси 96 отсто од растот на населението, се наведува во соопштението.
Премиерот Џастин Трудо прави напори да привлече повеќе имигранти во земјата откако дојде на власт во 2015 година, а минатата година владата објави план за пречек на половина милион имигранти годишно до 2025 година.
Канадската влада исто така прифаќа луѓе погодени од конфликти, како што се војната во Украина, хуманитарната криза во Авганистан и земјотресите во Турција и Сирија.
Ако Канада го задржи својот пораст од 2,7 отсто секоја година, нејзиното население ќе се удвои за 26 години, додаде владата.
Претходниот најголем пораст на населението во Канада, во 1957 година, дојде во контекст на „бејби бум“ по Втората светска војна и движењето на бегалците по Унгарската револуција.
