За подемот и падот на Детроит
Детроит, кој се смета за лулка на американската автомобилска индустрија, а важеше и за четвртиот најголем град според население, вчера објави банкрот. Банкротот, кој беше потврден од официјалните лица, откако за него информираа американските медиуми, е најголемиот во историјата на САД, пишува „New York Times“.
„Ова е тежок чекор, но е единствената опција за решавање на проблем, кој се создава шест децении," изјавил гувернерот на Мичиген, Рик Снајдер.
Податоците за тоа колку точно се обврските на Детроит сепак се разликуваат, но износот се проценува меѓу 18 и 20 милијарди долари.
Барањето за стечај е болно потсетување за подемот и падот на Детроит
Градот растеше со неверојатни стапки во првата половина на 20 век поради подемот на автомобилската индустрија, но исто толку брзо се намали во последните децении. Детроит имал население од 1,8 милиони во 1950 година, додека во моментов таму живеат едвај 700 000 луѓе. Во градот има десетици илјади напуштени згради, слободни паркинзи и темни улици.
Со оглед на специфичноста на ситуацијата во која се најде, Детроит се осигура дека таа ќе биде следена одблизу од пазарот на обшитински обврзници од синдикатите на државните службеници и раководителите на потресените градови низ целата земја.
Околу 60 градови, села и региони пријавија опасност од банкрот во САД од средината на 50-тите години на минатиот век. Политичките лидери во Вашингтон и во главниот град на државата Мичиген - Лансинг, изразија загриженост од банкротот на Детроит. Од Белата куќа изјавија дека претседателот Барак Обама и неговиот тим ја следат ситуацијата. Долгот на Детроит е огромен во споредба со овој на округот Џеферсон, Алабама, кој досега го држеше рекордот за најголем општински банкрот во САД, откако во 2011 година поднесе барање за заштита од доверителите со обврски во износ од околу 4 милијарди долари.
Населението на Детроит, кој е најголемиот град во државата Мичиген, го надминува двојно градот Стоктон, Калифорнија, кој поднесе барање за стечај во 2012 година Досега Стоктон беше најбројниот град што замина во стечај во САД. Другите големи градови како Њујорк и Кливленд во 70-тите години, како и Филаделфија две децении подоцна, беа на работ на финансиска пропаст, но на крајот успеаа да најдат решение, различно од банкрот.
Проблемите на Детроит, според експертите, се особено сериозни, бидејќи тие не се должат на единечен настан или на една пропадната финансиска трансакција, како во случајот со Џеферсон, каде причината за банкрот беше оштетената канализација на градот. Како дел од проблемите се одржувањето на градот, огромните трошоци за пензии и здравствена заштита, бројните обиди зголемените обврски да бидат покриени со уште кредити, непроменлив дефицит во градскиот буџет од 2008 година и лошото фукнционирање на јавните услуги.
Сето тоа доведе до банкрот - процес кој може да трае со месеци, ако не и години и сам по себе се очекува да биде скап. Некои жители на Детроит се надеваат на оживувањето на компаниите како Chrysler и General Motors по нивните неуспеси.
Според експертите, сепак постапките за корпоративните банкротства се многу различни од општинските банкротства. Кај општинските банкротства, на пример, можноста судиите да се мешаат во тоа како се управува градот е силно ограничена. Општинскиот банкрот исто така дава можност за корекција на долгот, за разлика од ликвидацијата и реорганизација кај компаниите.
Индикативен за состојбата на Детроит е фактот дека околу 40% од уличното осветлување во градот не работи, а повеќе од половина парковите во Детроит биле затворени во 2008 година.
Слично
