ЗА ИЗРАЕЛ ОВА Е „ПСИХОЛОШКИ ТЕРОРИЗАМ“: Хамас објави видео од жена војник, а потоа го покажа нејзиното мртво тело
Во видео на палестинската терористичка група Хамас се гледа киднапирана жена војник која зборува пред камера, а во следниот кадар е мртва.
Израелската армија ја потврди смртта на жената војник. Милитантите ја киднапирале на 7 октомври. Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека го информирале семејството на Ноа Марчијано за нејзината смрт, пишува Би-би-си. Таа имала 19 години.
Повеќе од еден месец не се знаеше точно каде е Марчијано и дали е жива. Военото крило на Хамас тврди дека таа е убиена во израелски воздушен напад на 9 ноември.
Марчијано се појави на видео што вчера го објави групата Хамас. ИДФ објавувањето на контроверзната снимка го нарече „психолошки тероризам“. Марчијано ги кажува своето име, имињата на родителите и на родниот град на видеото, кое наводно е направено четири дена по киднапирањето. На видеото потоа се гледа нејзиното мртво тело.
Вооружени членови на Хамас зеле околу 240 заложници и убиле 1.200 луѓе при нападот на 7 октомври. Марчијано беше на набљудувачка станица во кибуцот Нахал Оз кога вооружени напаѓачи упаднаа на блиската граница меѓу Израел и Газа. Израел спроведува операција во Газа за уништување на Хамас, каде загинаа над 11.000 Палестинци.
Семејствата на заложниците кои Хамас ги киднапираше на југот на Израел на 7 октомври денеска тргнаа од Тел Авив на петдневен протестен марш, барајќи итен договор за нивно ослободување.
