ЗА „ИНАЕТ“ НА ЕУ: Унгарија отвора пат за Јужен тек!
Унгарскиот Парламент синоќа усвои закон со кој се овозможува да започне изградбата на гасоводот Јужен тек на унгарска територија, и покрај острото спротивставување на Европската унија за овој проект.
Со измени во постоечкото законско решение, унгарските пратеници им овозможија на компаниите да учествуваат во изградбата на важниот енергетски проект, дури и ако немаат лиценци потребни за да управуваат со него.
„Тоа е направено како своевиден поттик за Јужен тек и да и се покаже на Русија дека Унгарија исто така го сфаќа сериозно овој проект“, вели унгарскиот експерт за енергетика Атила Холода. Според шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Јанош Лазар, Јужен тек е од големо значење за Унгарија затоа што овозможува поголема енергетска безбедност и независност на оваа земја.
Унгарија сака да започне да го гради гасоводот во рок од шест месеци. Гасоводот Јужен тек, долг 2.446 километри, треба да пренесува руски гас кон Европа под Црното Море и да претставува алтернатива за гасоводите што во моментов одат преку Украина. Но, ЕУ ја блокираше работата на проектот откако воведе економски санкции кон Русија заради нејзината политика кон Киев, а Брисел и Вашингтон заеднички извршија притисок врз Бугарија да ги прекине работите на изградба на гасоводот на своја територија.
Унгарскиот премиер Орбан, пак, важи за еден од најострите критичари на европските санкции кон Москва.
Слично
