За да спречат катастрофа делат таблети со јод на луѓето околу Запорожје
Властите во Украина делат таблети со јод на жителите околу нуклеарната централа Запорожје.
Целта е да обезбедат заштита од потенцијално труење со радијација во случај на катастрофа во објектот. Вчера Украина и Русија разменија обвинувања за гранатирање околу локацијата.
На 27 август Украина објави дека руските сили пукале врз градовите преку реката од објектот, а Русија тврди дека украинските војници гранатирале зграда во која се складира нуклеарно гориво. Тврдењата не може независно да се потврдат. Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН (МААЕ) соопшти дека собрала тим инспектори и е подготвена да ја посети локацијата, но дека останува нејасно кога ќе добијат дозвола од Русите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно обвини дека Русија ја довела Украина и Европа пред нуклеарна катастрофа. Русите целат кон припојување на Запорожје со Русија, како и други региони. Русија на 24 февруари ја почна војната. Тие најавија и референдум со цел окупираните украински територии да се припојат со Русија.
