Врвот на ЕУ згреши-му порачаа на светот дека Европа ќе ги олабави мерките за штедење
Веќе две недели владејачките кругови во ЕУ ги потресува скандал кој откри дека нивното свето писмо – теорија според која државите мора да ги намалат буџетите кога јавниот долг ќе надмине 90 отсто од БДП, бидејќи така високата задолженост наводно го спречува стопанскиот раст – се темели на стаклени нозе. Тоа беше една од причините зошто шефот на Европската комисија Баросо и неговиот соработник Оли Рен преку ноќ го сменија мислењето: на светот му порачаа дека Европа ќе ги олабави мерките за штедење.
Стотици милиони луѓе во Европа залудно го стегаат ременот. Имено, веќе две недели владејачките кругови во Европа ги потресува скандал кој откри дека нивното свето писмо – теорија теорија според која државите мора да ги намалат буџетите кога јавниот долг ќе надмине 90 отсто од БДП, бидејќи така високата задолженост наводно го спречува стопанскиот раст – се темели на стаклени нозе. Тоа беше една од причините зошто шефот на Европската комисија Баросо и неговиот соработник Оли Рен преку ноќ го сменија мислењето: на светот порачаа дека Европа ќе ги олабави мерките за штедење.Најголема шлаканица прими Оли Рен. Уште во февруари оваа година тој висок функционер од Комисијата бараше намалување и напиша на министрите на членките на ЕУ дека тој став се темели на сериозни академски истражувања, дека растот на долгот над 90 отсто има негативно влијание на економската динамика, т.е. дека резултира со низок раст во тек на долги години.
Но, по два месеца тоа раширено мислење кое во 2010 година со академско истражување го формираа економистите Реинхарт и Рогоф од Универзитетот Харвард, падна во вода. Скандалот во април го обелоденија економистите од САД, Реинхарт и Рогоф направиле грешка во сметањето. Биле пристрасни, бидејќи одбирале само податоци што им одговараат на нив, а го премолчеле тоа што не се вклопувало во нивната теорија, докажуваат критичарите од кејнезијанскиот табор.
Критичарите велат дека спорната теорија може да се сврти наопаку: Причината за стопанскиот пад не е зголемениот јавен долг, како што велат Реинхарт и Рогоф, туку самиот стопански пад го поттикнува зголемувањето на долгот.
Дебакл доживеа и сличната теорија на економистите Алесин и Ардање, кои во 2010 година на министрите за финансии на земјите членки на ЕУ им препорачаа големи, уверливи и одлучни резови за намалување на буџетскиот дефицит, бидејќи тие резови наводно помагаат за економско зајакнување. Нивното откритие, заедно со тие од кујната на Реинхарт-Рогоф, стана владејачка економска доктрина и политика во ЕУ. Неодамна го закопаа и експерти од ММФ, предупредувајќи дека намалувањето на буџетите во тек на криза стопанството го повлекува во уште подлабока рецесија.
Како е можно професори од угледниот Харвард да направат толку кобна грешка? Како е можно водечки луѓе во Европа, а посебно во владата на канцеларката Меркел која најмногу ги заговара тие резови, три години да наметнуваат теорија која во животот произведува штетни последици?
Зборуваа дека намалувањето на буџетите ќе доведе до намалување на долговите и до јакнење на стопанствата. Меѓутоа, стопанствата на Италија, Грција, Португалија и други држави паѓаат. Нивните долгови и понатаму растат, а невработеноста стана масовна, најголема по Втората светска војна.
За тоа не треба да се обвинуваат некои економисти. Политичарите секогаш го имаат изборот. Околу себе имаат различни економски теории и тоа во изобилство, само прашање е која теорија и кои советници ќе ги изберат. Индикативно е дека со години се избираат тие кои пред се ги заговараат интересите на финансиските сектори и банките, а не интересите на целото општество.
Кои се резултатите? Секоја втора влада во членките на ЕУ, од почетокот на 2011 година мораше да падне пред истекот на мандатот. Невработеноста на луѓето стана застрашувачка, а во Шпанија се приближи до стапка од 28 отсто, колку што изнесуваше во Германија во декември во 1932 година, еден месец пред доаѓањето на Хитлер на власт.
