ВРИЕ: Зеленски без влакна на јазикот, Полјаците бесни
Конфликтот меѓу Украина и Полска, вчерашните блиски сојузници, ескалира. Според последните информации, ситуацијата сепак може да се смири.
Полска се закани дека ќе престане да испраќа повеќе оружје за Украина, но не е јасно дали навистина ќе ги запре испораките на оружје или дали ова е само дел од вербалната ескалација откако Полска во петокот воведе ембарго за увоз на жито од Украина, за што Украина го тужеше во СТО.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски потоа ја критикуваше Полска пред Советот за безбедност на ОН.
Сепак, најновата вест од Киев е дека двете министерства за земјоделство се обидуваат да го решат спорот.
Алармот, потсетува Јутарњи лист, бил вклучен кога полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјавил дека Полска повеќе нема да ја снабдува Украина со оружје од сопствените резерви. „Нема повеќе да испраќаме оружје во Украина бидејќи сега ја вооружуваме Полска“, ја цитира CNN изјавата на полскиот премиер на социјалните мрежи.
Полјаците веќе испратија околу една третина од својот арсенал во Украина и се во процес на модернизација на армијата со модерно оружје произведено на Запад, наведува Би-Би-Си. Претходно беше најавено дека полскиот производител PGZ треба да испрати околу 60 хаубици Краб на Украинците во следните месеци.
Се започна кога Полска, Словачка и Унгарија во петокот го забранија увозот на украински житарки, откако на 15 септември истече забраната на Европската комисија за увоз на украинска храна во петте источни земји-членки.
Моравјецки ги обвини украинските олигарси дека „го туркаат своето жито на полскиот пазар“ без грижа за локалните фармери. Тој нагласи дека Полска ќе ги брани сопствените економски интереси, но дека спорот за житото не ја доведува во прашање безбедноста на Украина.
По неколкуте остри изјави од двете страни, се чини дека се наѕира крајот на спорот. Ал Џезира пренесува дека украинскиот министер за земјоделство во телефонски разговор со полскиот колега се согласил да се најде решение за трговскиот спор што е во интерес на двете земји, соопшти во четвртокот украинското министерство.
Тие потврдија „блиски и конструктивни врски и се согласија да ја разработат можноста за соработка за извозните прашања во блиска иднина“.
Највисоките полски функционери во пресрет на претстојните општи избори ја бранат одлуката за ембаргото. Така, полскиот претседател порача дека полските власти пред се мора да ги заштитат полските интереси, додавајќи дека Полска и помага на Украина во борбата против руската инвазија, но мора да ги заштити и интересите на нејзините земјоделци.
Претседателот Дуда истакна дека Полска сака Украина да преживее, па затоа испратија „огромна“ воена помош - 300 тенкови од нивните резерви, рече тој, потоа 100 оклопни транспортери, полски хаубици „Краб“, кои „и овозможија Украина да ги погоди руските сили во задниот дел. „..
Полска испрати во Украина 320 тенкови од советската ера и 14 борбени авиони МиГ-29, јави Би-Би-Си, што ја става Полска на шестото место според вредноста на испратеното оружје. Сепак, таа земја е првата земја од НАТО што испрати борбени авиони во Украина, многу пред САД.
Спорот за жито започна по руската инвазија, која ги затвори главните морски патишта преку Црното Море. Тоа пак довело до фактот дека големи количини жито завршиле во земјите од Централна Европа. Ниту Унгарија, ниту Словачка, кои исто така забранија увоз на украински житарки, нема да го забранат нивниот транзит низ нивната територија, јавува Би-Би-Си.
Полска одлучи да го забрани увозот откако Европската комисија објави дека нема да ја продолжи забраната за увоз на пченица, пченка, семе од репка, сончоглед и сончогледово масло од Украина во Полска, Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка. Сепак, приливот на украинско жито „ќе предизвика нов крах на полскиот пазар за жито“, па забраната „ќе помогне да се спречат штрајкови и социјални немири“, објави полската влада.
Премиерот на Полска рече и дека ќе го прошири бројот на украински производи на кои ќе им биде забранет увозот доколку Киев го засили спорот за житото.
