Врховниот суд во САД пред одлука за забрана на абортусот
Американскиот врховен суд донел начелна пресуда со која би се укинало националното законско право на абортус. Според протечен нацрт документ од судот кој го објавува „Политико“ може да се укине одлуката „Ро против Вејд“, со кој се легализира абортусот на национално ниво во Соединетите Американски Држави.
„Ро против Вејд“ е одлука на судот од 1973 година со кое беше признато уставното право на абортус, како и подоцнежната одлука од 1992 година во случајот „Планирано родителство против Кејси“ во кое генерално беше потврдено ова право. Со нејзиното евентуално поништување би се активирале поединечните државни закони со кои абортусот веднаш би станал нелегален во 22 американски сојузни држави.
Ова многу невообичаено протекување на документи од највисоката судска институција во САД, покажало дека одлуката, напишана од судијата Самуел Алито, била донесена со мнозинство гласови и циркулирала во судот од 10-ти февруари.
- Одлуката беше погрешна од самиот старт. Нејзиното образложение беше исклучително слабо и одлуката имаше штетни последици. Одлуката не само што не ја сплоти државата околу прашањето на абортусот, туку само ја вжешти дебатата и ги продлабочи поделбите. Сметаме дека Ро и Кејси (судските преседани) мора да бидат поништени. Време е да се внимава на уставот и прашањето на абортусот да се врати кај народните избраници - стои во нацрт-одлуката на Врховниот суд.
Укинувањето на „Ро против Вејд“ би значело крај на гаранциите за национална заштита на репродуктивните права кои траеја половина век и би овозможило секоја држава да може да носи одлука дали ќе го ограничи или забрани абортусот.
Неколку американски држави предводени од републикански власти имаат многу рестриктивни закони за абортус во исчекување на одлуката на Врховниот суд, кој со номинациите од претходната администрација на претседателот Доналд Трамп, во моментов има републиканско мнозинство од 6 спрема 3.
По информациите за судската одлука стотици граѓани излегоа на мирен протест пред седиштето на Врховниот суд во Вашингтон.
Претставниците на Демократската партија ја осудија протечената пресуда на судот. Во заедничко соопштение на демократските лидери во Конгресот посочуваат дека укинувањето на „Ро против Вејд“ би било „катаклизма“ и „една од најлошите и најштетни одлуки во модерната историја“.
Анкетите во САД покажуваат дека релативно мал број Американци сакаат да се укине одлуката „Ро против Вејд“. Во 2020 година 69 отсто од гласачите на претседателските избори имале став дека Врховниот суд не треба да го чепка националното право на абортус како што е во моментов, додека само 29 проценти од гласачите сметале дека Судот треба да го укине овој преседан.
