Вработените во Пентагон повторно на работа
Американскиот Секретаријат за одбрана ќе ги врати на работните места најголем дел од околу 350.000 цивили, вработени во Секретаријатот, кои од вторникот беа принудно испратени на платен одмор поради буџетската криза во САД.
Американската централна Влада, која од вторникот е без буџет, испрати дома околу 800.000 вработени, а од нив речиси половина се вработени во Секретаријатот за одбрана.
Но, секретарот Чак Хејгл вчера соопшти дека донел одлука речиси сите испратени на принуден одмор да ги прогласи за неопходен персонал за одржување на националната безбедност и да ги врати на работа од следната недела. Со тоа, значително се ублажуваат последиците кои се очекуваше САД да ги претрпат поради буџетската блокада, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Двете партии застапени во Конгресот се согласни дека не сакаат Владата, а особено не армијата, да бидат блокирани, но и покрај тоа не можат да се согласат околу буџетот, за кој опозициските републиканци инсистираат да се донесе без здравствената реформа „Обамакер“, додека демократите бараат да биде изгласан во целина.
- Законот ни дозволува да го запреме принудниот одмор за сите кои придонесуваат кон моралот, благосостојбата, подготвеност и опременоста на армијата - изјави секретарот Хејгл.
И покрај тоа што буџетот не е донесен од 2009 година, а од 1 октомври САД се без буџетските резолуции со кои досега се финансираше Владата, сепак само околу 17 проценти од целата централна Влада е реално блокирана.
Некои од најзначајните институции, како што се социјалните програми Медикер, Медикејд, пензискиот систем Социјална сигурност, потоа затворите, армијата и најголем дел од безбедносните институции, функционираат нормално.
Претставничкиот дом на Конгресот вчера едногласно гласаше за да им се обезбеди плата на работниците кои се на принуден одмор, независно дали дошле на работа или не. Овој закон се очекува да биде прифатен од целиот Конгрес, за разлика од серијата други закони кои Претставничкиот дом ги изгласа за да се финансира Владата, без парите за „Обамакер“, а кои заглавија во Сенатот, каде мнозинските демократи инсистираат да се прифати само комплетен буџет.
И покрај речиси нормалното функционирање на голем дел од централната Влада, Хејгл предупреди дека доколку блокадата потрае, Секретаријатот за одбрана ќе се соочи со недостиг на материјали, опрема и пари за вршење обуки.
Принудниот одмор за вработените во Пенгатон и воените бази во САД и ширум светот, беше без конкуренција најзабележителниот дел до досегашната блокада, доколку не се сметаат секојдневните обиди да се отворат, односно затворат спомениците во центарот на Вашингтон.
Слично
