Вооружен маж пукал во близина на Белата куќа, Тајната служба го застрела осомничениот
Вооружен маж предизвика тревога во Вашингтон откако отворил оган во близина на Белата куќа, во реонот кај споменикот на Вашингтон, по што припадници на американската Тајна служба возвратиле и го погодиле осомничениот, јавуваат АП и Ројтерс.
Во инцидентот бил повреден и малолетник кој случајно се нашол во близина. Според досегашните информации, неговите повреди се полесни, а осомничениот е пренесен во болница. Неговата состојба засега не е објавена.
Од Тајната служба соопштија дека агентите претходно го забележале мажот поради сомнение дека носи оружје под облеката. Кога униформирани службеници се обиделе да го пресретнат, тој побегнал и пукал кон нив, по што полицијата возвратила.
Белата куќа била кратко ставена под засилени безбедносни мерки, но претседателскиот комплекс не бил директно загрозен. За време на инцидентот, претседателот Доналд Трамп продолжил со настан со сопственици на мали бизниси. Мотивите за пукањето сè уште се истражуваат.
