Волк во овча кожа: Кој е атентаторот од Лион?
Цела Франција зборува за него - човекот кој се обиде да разнесе фабрика крај Лион, а пред тоа му ја отсече главата на својот работодавач. Колегите на сторителот го опишуваат како „волк во овча кожа“.
Тој е со чисто минато, не е осудуван, а неговото семејство води мирен и затскриен живот. И така до минатиот петок, кога 35-годишниот Јасин Сали, татко на три деца, се обиде да разнесе фабрика за индустриски гасови крај францускиот град Лион. Пред тоа Сали го обезглавил својот директен шеф и си направил селфи со неговата пресечена глава. Во последниот распит во неделата Сали признал дека тој е сторителот на ѕверското убиство.
Потценета закана
Јасин Сали им бил познат на службите за безбедност. Уште во 2000 година се следени негови контакти со маж кој со своите истомисленици од Ал Каеда учествувал во подготовката на терористички напади во Индонезија. Но француските тајни служби почнуваат да го следат Сали дури во 2005-2006 година - поради врските со група на радикални исламисти. Тогаш неговото име е вклучено во листа на потенцијални опасни лица. Во 2008 година, сепак, Сали е изваден од листата - очигледно властите ја потцениле тотално заканата, која произлегува од овој човек.
Пред две години Сали повторно паѓа во видното поле на француските служби - пак поради контакти со радикалните исламисти. Но, бидејќи не била откриена никаква незаконска дејност, службите повторно го прекинале следењето на Сали во Франција.
Во неговиот роден град Понтарлие во источна Франција тешко ја прифаќаат веста за ѕверското убиство извршено минатиот петок. Насер Бенихии од раководството на локалната џамија го опишува Јасин Сали како „осамен, но избалансиран млад човек“. „Мило ми е што такво мирно момче ја посетуваше нашата џамија“, раскажува Бенихии и се сеќава дека Сали го напуштил својот роден град по смртта на неговиот татко, кој бил од Алжир, а мајка му пак е со потекло од Мароко.
„Ние сме нормални муслимани“
Во 2011 година Јасин Сали се преселува со семејството во Безансон. Негов пријател се сеќава дека тој често зборувал за религија, но никогаш за тероризам. Соседот пак раскажува дека на гости му оделе „јаки мажи“. На крајот на 2014 година семејството се преселило да живее во едно предградие на Лион, а во март оваа година Сали започнува со работа во транспортната фирма, која ја снабдува фабриката за индустриски гасови крај Лион.
Сопругата на Сали, која беше приведена уште во петокот, е преплашена од обвиненијата против нејзиниот маж. Пред приведувањето таа изјавила: „Ние сме нормални муслимани, имаме три деца и водиме сосема нормален семеен живот“.
Абдел Карим, колега на Сали од транспортната фирма, го опишува како многу кроток, но криптичен човек: „Тој беше волк во овча кожа“, вели Карим. И додал дека еднаш Сали го прашал што мисли за „Исламска држава“. Откако на Карим му го поставил оваа прашање директно, Сали престанал да комуницира со него.

