Економија, финансии, бизнис

Контакт

Волф: Македонија е мала економија, но има услови кои се добра подлога за инвестирање

Волф: Македонија е мала економија, но има услови кои се добра подлога за инвестирање
Македонија е мала економија, но тоа има и предности, како што е можноста за побрзо дејствување што треба да се искористи, смета Улрике Волф, раководител на Одделот за надворешна економија и маркетинг при баварското Министерство за економија и медиуми, енергија и технологија. Волф, во разговор за Дојче Веле, оценува дека Македонија, споредено со останатите земји во регионот, се позиционира релативно добро во економската размена со Германија. - Не може директно да се прави споредба на Македонија со пазарите кои се многу, многу големи. Значењето може да се согледа ако се види дека Баварија во германско-македонската трговија има удел од 25 отсто и ако се знае дека Македонија е пред Србија. Србија има повеќе жители, но Македонија има поголем надворешно-трговски волумен. Оттука може да се види дека посебните шанси што ги има Македонија се огледуваат и во бројките - изјави Волф. Според неа, Македонија има услови кои се добра подлога за инвестирање. - Она што државата можела да го стори, го има направено. Рамковните услови за инвестирање во земјата се многу добри, особено даночната стапка од 10 проценти на персоналниот данок и на данокот на добивка, како и договорите што земјата ги има склучено со многу европски земји за избегнување на двојното оданочување - посочи Волф. Таа заедно со делегација на германски стопанственици, меѓу кои претставници на компании од областа на енергетиката, металопреработувачката индустрија, информатичката технологија и медицината, пред една недела беше во Македонија, каде имаше прилика да разговара со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за странски инвестиции Бил Павлески. Делегацијата ја посети и Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 во Бунарџик.  
Слично

Поврзани вести