Волас: Велика Британија поддржува целосно протерување на Русите од Украина
Можно е Русите во Украина да станат некој вид „растечки тумор”, вели британскиот министер за одбрана, Бен Волас.
Тој денеска оцени дека рускиот претседател Владимир Путин не успеал да ги оствари главните цели во Украина, предупредувајќи дека затоа би можел да и нареди на војската да ги зацврсти позициите во Украина.
Волас за „Скај њуз” изјави дека Велика Британија поддржува целосно протерување на Русите од Украина, притоа не исклучувајќи поддршка на Киев за враќање на Крим што Русија го анектираше во 2014 година.
„Мислам дека Путин, бидејќи не успеа да ги оствари речиси сите свои цели, можеби ќе се обиде да го консолидира она што го има, на некој начин да го зацврсти и утврди, како што направи во 2014 година. И да стане некој вид канцероген тумор внатре во Украина“, рече Волас.
Вели дека Велика Британија ќе и испорача оружје на Украина што би можело да ги погоди руските поморски сили во Црното Море. Два месеци има воени дејствија во Украина.
