Воената моќ на Европа е парализирана?!
Откако францускиот претседател Франсоа Оланд најави дека нападите во Париз се „акт на војна“ и „ИД“ треба да биде „збришана“, може со леснотија да се претпостави дека Европа се наоѓа на чекор од судир лице в лице со исламистите од „ИД“ во Сирија, но оваа претпоставка е далеку од вистината, пишува Метју Карничниг во онлајн-изданието „Politico“.
За војната се дискутира низ целиот континент: сојузниот претседател на Германија, Јоаким Гаук пред Бундестагот објавил „војна од нов тип“ и потреба од користење на „сите достапни средства“ за борба против тероризмот. Во западните медиуми дури се шпекулира дека Германија е подготвена да премине кон воена состојба, забележува „Politico“.
Истовремено воената стратегија на Европа беше формулирана во понеделникот од Барак Обама во турската Анталија. Нарекувајќи ги предлозите за воведување на копнен контингент во Сирија „грешка“, Обама фактички ја исклучи оваа опција од агендата на Европа, пишува „Politico“. Наместо тоа поинтензивни ќе бидат воздушните напади по позициите на терористите, спроведени од САД заедно со европските земји.
Воените експерти продолжуваат да расправаат колку е ефективна воздушната кампања против „ИД“, и дали има доволно убедливи аргументи во корист на копнената операција, но согласност или несогласување на европските лидери со ставот на Барак Обама е секундарно прашање.
„Факт е дека без американската поддршка Европа нема друг избор освен да ја следи политиката на САД. Европа нема ниту ресурси, ниту доволно политичка волја за да започне воена операција во театар на воените дејствија од скалата на Сирија. Париските терористички акти јасно ја покажаа воената слабост на Стариот свет“- истакна Метју Карничниг.
Во геополитичката немоќ на Европа нема ништо неверојатно, расудува порталот. Подолго време дупките во буџетот се затвораат со скратување на воените трошоци. Минатата година земјите од ЕУ потрошиле за одбрана во просек 1,5% од БДП, а економската потпора на континентот - Германија - потрошила 1,2%.
„Постои недостаток на ресурси, политичка волја и јавна поддршка“ - смета директорот на центарот „Карнеги-Европа“ Јан Техау. Според него, во „воената парализа“ на Европа едвај можат да се најдат позитивните страни и перспективи за иднината. „Нашиот сериозен проблем е во неспособноста да донесеме одлука. ЕУ структурно не е прилагодена за донесување на одлуки од овој тип. Ако немате стратегија, вие не сте играч, а Европа нема стратешки план за акцијата во Сирија или во Блискиот Исток“- резимира Метју Карничниг.
