Воена интервенција на Катар во Сирија може да предизвика Трета светска војна
Потенцијална воена интервенција на Катар во Сирија може да предизвика почеток на Трета светска војна, пишува рускиот весник „Независимаја газета“, повикувајќи се медиумски публикации.
Министерот за надворешни работи на Катар, Калид ал Атијах неодамна изјавил дека неговата земја може да интервенира во Сирија на страната на екстремистите, кои се борат со силите на сирискиот претседател Башар ал Асад. Ваквиот потег има потенцијал да доведе до Трета светска војна, забележува руското издание.
Изјавата на Калид ал Атијах, на прв поглед, изгледа како пропаганден потег, имајќи предвид дека Катар е мала, иако многу богата земја.
Весникот потсетува дека Катар веќе обезбедува воена, финансиска и политичка поддршка за сунитската опозиција, која се бори против сирискиот претседател.
Претходно Саудиска Арабија и Турција ги изразија своите намери да се вклучат во војна против сириската влада, забележува „Независимаја газета“, цитирајќи некои медиуми кои коментираат дека сето тоа може да доведе до почеток на Трета светска војна.
Во средината на октомври рускиот претседател Владимир Путин одржал разговори со министерот за одбрана на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман ал Сауд во Сочи. За време на разговорите саудиската страна предупредила за „опасни последици“ од воената интервенција на Москва во сирискиот конфликт.
Досега тоа беа само вербални закани, истакнува „Независимаја газета“, иако сепак забележува дека намерите на земјите кои го поддржуваат силите кои се борат со сириската влада, веќе биле поткрепени со реални активности.
Катар во неколку наврати беше обвинуван дека спонзорира и поддржува импресивен број исламистички терористички организации кои се забранети во Русија, како „Ал Каеда“, „Муслиманско братство“, талибанците, „Исламска држава“ и „Фронтот ал Нусра“.
Во меѓувреме, рускиот воен експерт Јури Неткачев ги отфрли шпекулациите дека сириската криза може да доведе до Трета светска војна. Тој е цитиран од „Независимаја газета“ каде вели дека Саудиска Арабија и Турција нема да се осмелат да интервенираат директно во Сирија, но постои веројатност да продолжат да ги снабдуваат сириските опозициски групи со оружје и пари.
