Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во Велика Британија има повеќе од 100 милијардери, ама најбогатите се странци

Во Велика Британија има повеќе од 100 милијардери, ама најбогатите се странци
За првпат во историјата бројот на милијардери кои живеат во Велика Британија надмина 100 луѓе. На листата на најголеми богаташи, што традиционално ја објавува весникот „Сандеј тајмс“, се најдоа дури 104 мултимилијардери, чие вкупно богатство изнесува 310 милијарда фунти. На минатогодишната листа имаше 88 милијардери, што значи дека само за една година бројот на супер-богати луѓе во оваа земја е зголемен за 16. Најголемиот број од милијардерите живеат во Лондон - дури 72, со што британскиот главен град и во светски рамки е на врвот според „концентрацијата“ на богаташи. Втора на листата е Москва, во која живеат „само“ 48 милијардери. На врвот на листата, најбогати меѓу богатите во Велика Британија се двајца Индијци кои живеат во оваа земја - браќата Сри и Гопи Хиндуџа, сопственици на „Хиндуџа Груп“, со вкупно богатство од 11,9 милијарди фунти. Само во изминатата година нивното богатство се зголемило за 1,3 милијарди фунти. Рускиот олигарх Алишер Усмаров, главен акционер на лондонскиот фудбалски клуб „Арсенал“, е втор на листата со богатство од 10,6 милијарди фунти, откако лани беше прв. На третата позиција е „кралот на челикот“, индискиот бизнисмен Лакшми Митал, кој се проценува дека „тежи“ 10,2 милијарди фунти. Русинот Роман Абрамович, сопственик на лондонскиот фудбалски клуб „Челзи“, кој секоја година е во близина на врвот, годинава е на деветото место, иако и натаму останува со големо богатство од 8,5 милијарди фунти. Најбогатиот роден Британец е дури на 10-тата позиција. Тоа е војводата од Вестминстер, со богатство кое се проценува на 8,5 милијарди фунти, главно од недвижниот имот со кои располага како сопственик на голем дел од земјиштето во центарот на Лондон.
Слично

Поврзани вести