Во светот има повеќе од 18.000 случаи на мајмунски сипаници
Во 78 земји во светот евидентирани се повеќе од 18 илјади случаи на мајмунски сипаници.
Од нив повеќето се во Европа, објави денеска Светската здравствена организација(СЗО). Приближно 10 отсто од пациентите се хоспитализирани, а петмина од нив починале како последица на болеста (сите во Африка), објави СЗО.
Во 98 отсто станува збор за мажи кои имаат секс со мажи, а се нагласува дека овој податок не важи за африканските земји бидејќи вирусот таму е ендемичен.
„Ова е епидемија што може да се запре… најдобриот начин да се направи тоа е да се намали ризикот од изложеност на болеста, а тоа значи да се направи безбеден избор за себе и за другите“, рече Тедрос на прес-конференција во Женева.
Агенцијата на ОН препорачува вакцинација за високоризичните групи. Ова особено се однесува на мажите кои имаат сексуални односи со припадници од ист пол, како и за оние со повеќе сексуални партнери и за здравствените работници.
СЗО посочи дека се потребни неколку недели по примањето на втората доза од вакцината за едно лице да биде целосно заштитено, поради што во меѓувреме треба да се преземат мерки на претпазливост.
Тедрос, исто така, рече дека околу 16 милиони дози од одобрената вакцина се достапни за заинтересираните. Бидејќи се пакуваи „на големо“, ќе бидат потребни неколку месеци вакцините да се преместат во помали шишиња.
СЗО во саботата ја прогласи епидемијата на мајмунски сипаници за вонредна состојба која предизвикува меѓународна загриженост“. Заразени со мајмунски сипаници има и во балканските земји.
