Во Скопје ќе се отвори канцеларија на Советот на Европа
ПССЕ со огромно мнозинство ја усвои резолуцијата и препораката на известувачот, британскиот парламентарец Роберт Волтер, за постмониторинг дијалогот со Република Македонија, во кои се препорачува отворање на канцеларија на Советот на Европа во Скопје, пишува Дојче Веле.
ПССЕ ќе ја отвори канцеларијата во државава со цел да се олесни патот на Македонија кон ЕУ.
„Тоа не е кацеларија за набљудување на ПЈРМ. Тоа е канцеларија за работа со ЕУ за да се обидеме да развиеме проекти за соработка, како што имаме во Белград и другите земји и кои работат крајно добро“, изјавува за отварањето на канцеларијата претседателот на ПССЕ, Жан Клод-Мињон.
-Среќен сум што препораката и резолуцијата беа изгласани на ваков начин. Тоа ќе биде добро за земјата и се надевам дека се‘ она што си го рековме во Скопје со претставниците на земјата, сега ќе се реализира-додава Жан Клод-Мињон
ПССЕ изрази загриженост за начинот на кој се спроведува контраверзниот закон за лустрација, повикувајќи на зацврстување на слободата на медиумите. Истовремено, Македонија треба да ја намали корупцијата, да ја засили борбата против дискриминацијата, да и‘ стави крај на ситуацијата констатирана од Комитетот за превенција на тортурата, да ги интегрира бегалците.
Исто така, ПССЕ изрази жалење што прашањето за името продолжи да го одложува почетокот на преговорите за членство во ЕУ, исто како и обидите на Република Македонија да му се приклучи на НАТО и се надева дека Грција ќе има „помек“ пристап по ова прашање.
Известувачот инсистираше на потребата од решавање на спорот со името во рамките на ООН и во духот на добрососедските односи, исто како и многу други парламентарци од 47 земји членки на СЕ, кои во дебатата нагласија дека сепак Грција е таа која треба да направи исчекор и да покаже поголема флексибилност по ова прашање.
ПССЕ смета дека Македонија треба да се соочува со предизвици на сите нивоа за да се гарантира политичката стабилност и социјалната кохезија, но според заклучокот на мониторинг комисијата, „постојат сериозни сомневања за прашањето дали земјата располага со доволна политичка стабилност за да постигнува сериозен напредок во спроведување на потребните реформи“. Во тој контекст, како што се вели, Советот на Европа треба да направи се‘ што е можно за да и‘ помогне на Македонија и да ја прошири соработката, па оттука предлогот за отворање на канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
Имено, ПССЕ сака да и‘ помогне на Република Македонија да напредува во исполнувањето на преостанатите обврски преземени со членството во 1995 година.
