Во Сибир очекуваат поплави - колку села во опасност?
Во Сибир очекуваат поплави во пролет поради обилните врнежи од снег од почетокот на зимата.
Повеќе од 500 населени места во сибирскиот федерален округ можат да бидат поплавени за време на пролетното топење. Поради големото количество снег во сибирскиот регион, зголемувањето на водите при затоплувањето на времето може да создаде сериозни проблеми.
Во поплавените зони може да се најдат над 179.000 лица, соопшти претставник на претседателот на Русија за регионот. Тој ги предупреди локалните претставници на централната власт да ја држат ситуацијата под посебен надзор, пренесе ТАСС.
Во 2014 година околу 50 села во Сибир беа поплавени, а повеќе од 10.000 луѓе мораа да бидат евакуирани. Тогаш во над 17 општини на Република Алтај и Алтајски крај, во Хакасиа и Тувал беа поплавени 50 населби и над 4.000 станови во кои живеат околу 12.000 луѓе. Под вода останаа делови од патната мрежа, а оштетена беше и инфраструктурата.
