Во Сао Паоло и Рио де Жанеиро ги вратиле старите цени за јавен превоз
Цените на јавниот превоз ги вратиле во Сао Паоло и Рио де Жанеиро на старото ниво, што беше едно од барањата на масовните улични протести низ земјата, соопштиле утринава властите на тие два града.
„Ќе го суспендираме зголемувањето на цените и ќе ги вратиме старите цени на метрото, автобусите и возовите“, изјавил гувернерот на бразилската држава Сао Паоло Жералдо Алкмин.
Градоначалникот на Рио де Жанеиро Едуардо Паеш изјавил дека во тој град ќе биде намалена цената само за автобускиот превоз.
Во Бразил пред десетина дена избувнаа големи немири, најпрвин во Сао Паоло, потоа во целата земја, поради зголемувањето на цената на јавниот превоз, но и поради големите даноци, корумпираноста на политичарите и лошите услови во здравството и образованието.
Демонстрантите критикуваат и за огромните средства кои се издвојуваат за организирање на Мундијалот следната година, во време на економски тешкотии низ кои минува Бразил.
Немирите продолжиле и синоќа кога неколку илјади демонстранти го блокирале приодот кон стадионот во бразилскиот град Форталези, каде синоќа се одигра мечот меѓу Бразил и Мексико во рамките на Купот на конфедерациите. Околу 200 демонстранти го блокирале автопатот што ги поврзува Сао Паоло и Сантос.
Претседателот на Бразил, Дилма Русеф, ги поддржа масовните протести велејќи дека се легитимен повик за подобра јавна служба и поодговорна влада на сите нивоа и дека на тој начин се зацврстила бразилската демократија.
Претходните денови на улиците на бразилските градови излегоа околу 240.000 луѓе, а дојде и до жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата.
