Во престрелка во Австралија загинаа шест лица, меѓу кои и двајца млади полицајци
Шест лица загинаа, меѓу кои двајца млади полицајци, во престрелка во австралискиот град Виамбила во државата Квинсленд, соопшти полицијата. Престрелката се случила во понеделникот во попладневните часови.
- Штом пристигнала полицијата на имотот, биле пречекани од огнено оружје и немале никакви шанси. Двајца полицајци беа ладнокрвно егзекутирани - изјави претседателот на локалниот полициски синдикат, Јан Ливерс.
Едниот полицаец имал 26, а другиот 29 години. Покрај нив, убиен е и 58-годишен сосед, а по доаѓањето на полициското засилување, околу 22:30 часот по локално време биле убиени тројца осомничени, двајца мажи и една жена. Нивниот идентитет не е објавен, но според дневниот весник The Australian, тие се локален учител, неговиот брат и сопругата на неговиот брат, сопственици на имотот каде што се случила трагедијата.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе го опиша настанот во Виембили како „страшен“.
- Денеска се скршени срцата на семејствата и пријателите на полицајците во Квинсленд кои ги загубија животите за време на службената должност – додаде Албанезе.
