Во прашање доведена посетата на Зеленски на Израел, предвреме била најавена
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, планираше да дојде во Израел следната недела, но посетата сега е доведена во прашање, бидејќи предвреме беше најавена од израелскиот ТВ канал 12, изјави украински дипломат за израелските медиуми.
„Тој сакаше посетата јавно да биде објавена кога ќе стапне на израелска територија. Тој е многу разочаран“, изјави неименуваниот дипломат.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не ја посетил Украина, ниту пак Зелански го посетил Израел од февруари 2022 година, кога започна руската инвазија на Украина.
Неодамна Москва беше домаќин на претставници на палестинскиот исламски Хамас, против кој Израел војува речиси еден месец.
Израел го осуди тој потег на Москва и може да се очекува дека сега ќе се приближи до Киев, коментираат израелските медиуми.
Зеленски и Нетанјаху имаа срдечен разговор на средбата во Њујорк на маргините на сесијата на Генералното собрание на ОН.
Од 7 октомври, кога започна војната, Израел, меѓу другите, го посетија претседателите или премиерите на САД, Франција, Германија, Велика Британија, Грција, Италија, Кипар, Романија, Чешка и Холандија.
