Во Мариупол вплови првиот руски товарен брод
За прв пат откако Русија го зазеде Мариупол, товарен брод вплови во пристаништето на тој град. Бродот вплови во пристаништето за да го натовари металот и да го пренесе на исток до Русија, што официјален Киев го опиша како грабеж.
Портпаролот на пристаништето изјави за ТАСС дека на бродот ќе бидат натоварени 2.700 тони метал, кој ќе биде пренесен на 160 километри источно до рускиот град Ростов на Дон. Украинскиот омбудсман за човекови права Људмила Денисова рече дека оваа операција е грабеж извршен од Русија.
„Продолжува грабежот на привремено окупираните територии на Украина. По кражбата на украинското жито, окупаторите прибегнаа кон извоз на метални производи од Мариупол“, напиша таа на платформата Телеграм.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков денеска изјави дека руските сили собориле два Су-25 и хеликоптер Ми-8. Тој изјави дека Су-25 биле соборени над регионите Керсон и Харков, пренесува Танјуг. Руските системи за противвоздушна одбрана соборија хеликоптер Ми-8 над Запорожје и 18 украински беспилотни летала, додаде Конашенков.
Конашенков рече и дека вооружените сили на Руската Федерација и самопрогласената Народна Република Доњецк презеле целосна контрола над стратешкиот град Лиман во источна Украина. Украинските и руските сили се бореа неколку дена за контрола на Лиман.
