Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во Кина е регистриран првиот смртен случај од птичји грип

Во Кина е регистриран првиот смртен случај од птичји грип

Една жена почина во Кина од птичји грип Х3Н8, вирус кој циркулира од 2002 година, но оттогаш немаше смртни случаи, соопшти вчера Светската здравствена организација (СЗО).

Досега се сметаше дека вирусот H3N8, кој првпат се појави на северноамериканскиот континент, може да се пренесе на коњите, кучињата и морските лавови. Не беше откриен кај луѓето пред првите два нефатални случаи во Кина во април и мај 2022 година.

Лицето кое почина е 56-годишена жителка на провинцијата Гуангдонг во југоисточна Кина.

Таа се разболела од 22 февруари, беше примена во болница со тешка пневмонија на 3 март и почина на 16 март, соопшти СЗО.

Пациентката била во контакт со живина пред почетокот на болеста, а околу нејзината куќа имало и диви птици, се вели во соопштението на организацијата.

Ниту еден од луѓето кои биле во близок контакт со овие животни не развил симптоми на болеста во моментот на издавањето на овој извештај, се додава во соопштението.

Посетата на пазарот за живи птици можеби ја предизвикала инфекцијата, но точниот извор на оваа инфекција, како и поврзаноста на овој вирус со други видови птичји грип тип А (H3N8), кои циркулираат во животинската средина, сè уште треба да се утврди, соопшти СЗО и повика да се спроведат истраги.

Од организацијата посочија дека достапните податоци покажуваат дека вирусот не се пренесува меѓу луѓето и дека како последица на тоа ризикот од негово ширење на национално, регионално и светско ниво се смета за многу низок.

СЗО исто така посочи дека е неопходно континуирано следење поради постојаните мутации на вирусот.

Слично

Поврзани вести