Во Киев „заробени“ 19 бебиња од сурогат-мајки, не може да се испорачаат во странство
Во моментов, 19 бебиња родени од сурогат мајки во Украина се чуваат во подрум во Киев. Нивните биолошки родители се странци, кои не можат да дојдат по нив поради војната. Правниот статус на овие деца е јасен во овие околности, ниту нивното државјанство, ниту кои се нивните законски старатели.
За 19-те сурогат бебиња се грижат дадилки во подрум во Киев, кој е опремен со пластични лулки, пресоблекувални, стерилизатори, пелени и млечни формули, пишува Њујорк Тајмс.
Овие бебиња останаа заробени во Украина, бидејќи војната го комплицираше нивното обединување со биолошки родители од други земји. Затоа, прашањето за нивното државјанство останува нерешено, бидејќи, според украинскиот закон, биолошките родители мора лично да ја потврдат националноста на бебето.
Исто така, војната уште повеќе го отежна одговорот на прашањето кои се нивните законски старатели, како и дали и на кој начин можат да бидат однесени на безбедно.
Додека паровите во странство се грижат и се обидуваат да најдат начини да ги преземат своите бебиња, идните сурогат мајки имаат уште еден проблем - поради потпишаните договори тие се принудени да останат во земјата и покрај војната.
Сопственикот на компанијата која нуди сурогат мајчинство „БиоТексКом“ Алберт Точиловски вели дека бил пред тежок избор - или да создаде одделение во подрумот за згрижување на овие бебиња или околу 40 жени кои биле блиску до породување да возат низ Украина среде војна.
Тој вети дека бебињата ќе бидат згрижени и дека доколку ситуацијата се влоши, ќе се обиде да ги евакуира.
Некои луѓе кои биле во бизнисот, како агент за спојување клиенти и потенцијални сурогат мајки во Украина, веќе побегнале - иако правните последици остануваат нејасни.
Украина е една од ретките земји што нуди услуги за сурогат мајчинство на странци. Според некои проценки, тие ја имаат најголемата „индустрија за сурогат мајчинство“ во светот со дури 14 компании кои се занимаваат со неа.
Њујорк Тајмс пишува дека бизнисот во Украина успеал главно поради сиромаштијата, бидејќи сурогат мајките овде обично заработуваат околу 15.000 долари по дете.
Адвокатите вклучени во овие случаи наведуваат дека во моментов во Украина има околу 500 трудници кои треба да раѓаат деца од парови од странство. Најмногу од САД, Европа, Јужна Америка и Кина.
