Во израелски напад врз Газа убиени внуците на лидерот на Хамас
Палестинските власти попладнево потврдија дека во израелски воздушен напад врз Појасот Газа се убиени два внуци на лидерот на Хамас Исмаил Ханије.
Ханије и самиот ја објави нивната смрт на Твитер, наведувајќи дека израелски борбени авиони ја гаѓале куќата на неговата сестра.
Од почетокот на најновиот циклус на насилство меѓу Израел и Хамас загинаа најмалку 121 Палестинец во Газа, а повеќе од 900 се повредени. Речиси 540 куќи се целосно уништени или оштетени во офанзивата која започна во вторникот.
Израел најави дека ќе продолжи да гаѓа цели во Газа во следните 24 часа, а во меѓувреме спроведува подготовки и за копнена офанзива. На границата кон Појасот Газа стигнале неколку десетици израелски тенкови.
Според информациите на израелската војска, од почетокот на операцијата „Заштитен раб“ во Газа биле погодени 1.160 цели на Хамас и Исламскиот џихад. Податоците на повеќе меѓународни организации, меѓу кои и Обединетите нации, сепак сведочат дека најголем дел од загинатите во израелските воздушни напади се цивили.
Слично
