Во Франција утре вториот круг од претседателските избори!
Речиси 49 милиони Французи утре ќе излезат во вториот круг
од претседателските избори и ќе изберат претседател кој ќе ја води земјата во
следните пет години - центристот Емануел Макрон или лидерката на екстремната
десница Марин Ле Пен.
Според последните анкети, актуелниот претседател Макрон би освоил од 54 до 56,5 отсто од гласовите, а на пат е да освои втор мандат и да остане во Елисејската палата уште пет години.
Макрон, дискретен пред првиот круг од изборите и со фокус на надворешнополитичките прашања како што е војната во Украина, ја смени својата тактика во кампањата меѓу двата круга, во посета на земјата и давање интервјуа.
Ле Пен, пак, работеше на подобрување на сопствениот имиџ и водеше кампања за да биде поблиску до обичните граѓани.
Макрон, според месечниот барометар на агенцијата Ифоп, го завршува својот петгодишен претседателски мандат во Франција со популарност од 41 отсто, што е добар резултат во споредба со двајцата негови претходници, социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд и десничарот Никола Саркози.
Двајцата неодамна јавно го поддржаа Макрон за нов петгодишен мандат.
Онлајн телевизијата BFMTV неодамна објави дека Макрон се фокусирал на гласачите на лидерот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон, кој беше трет во првиот круг. По објавувањето на првите резултати, тој ги повика своите гласачи да не гласаат за екстремната десница, но конкретно не повика да се гласа за Макрон.
Според анкетата на таа телевизија, 42 отсто од гласачите на Меланшон се изјасниле дека ќе гласаат за Макрон, а 25 отсто од гласачите на Меланшон за Ла Пен.
Левичарските кандидати поразени во првиот круг од претседателските избори ги повикаа своите гласачи да гласаат за Макрон.
Првите резултати од излезните анкети спроведени од институтите за истражување на јавното мислење се очекуваат веднаш по затворањето на гласачките места во 20 часот.
Претседателските избори, како и обично, ќе се одржат ден претходно на француските прекуморски територии.
Овие избори се одржаа во светло на војната во Украина, но и во шестмесечното претседавање на Франција со Советот на Европската унија.
Фото: Youtube - screenshoot - Guardian News
