Во Египет крвопролевањето продолжува, Морси не се откажува
Bо Каиро, во синоќешните напади врз приврзаниците на египетскиот претседател Мохамед Морси, загинаа 16 лица, а ранети се 200 лица.
Судири имало и во Хелван, во близина на Каиро и во провинцијата Бехеир.
Приврзаниците на Морси биле нападнати од група непознати лица, вооружени си огнено оружје.
Во меѓувреме во декларација, на Вишиот совет на вооружените сили на Египет, објавена на Фејсбук се наведува дека египетската армија е „подготвена да умре, заштитувајќи го својот народ од терористи, радикали и глупаци“.
Со ова армијата му одговори на Морси, кој го отфрли ултиматумот на воените сили, кои од него побараа да ги исполни барањата на народот и да се согласи на предвремени избори.
Морси одби да поднесе оставка, нагласувајќи дека е законски избран претседател на државата.
„Луѓето ме избраа на слободни и фер избори и планирам да продолжам да ги извршувам своите обврски“, истакнал Морси во телевизиско обраќање до египетскиот народ.
„Почитувањето на уставниот поредок е единствената гаранција против идните крвопролевања“, дополнил Морси, во соопштението што е одговор на ултиматумот поставен од страна на армијата, во кое тој имаше рок од два дена да си поднесе оставка.
Денеска истекува 48-часовниот ултиматум, даден од армијата до сите политички сили со барање да ја решат острата политичка криза.
Опозицијата го оцени синоќешното обраќање на претседателот кон нацијата за поттикнување на граѓанска војна, а претставник на младинското движење „Тамаруд“ го обвини претседателот дека му се заканува на својот народ.
Движењето ги повика милионите Египќани денеска да излезат на протести со барање за оставка на Морси, како и со барање претседателот и неговите соработници да бидат уапсени и изведени пред суд.
