Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во Брисел вонредна средба за распределбата на бегалците

Во Брисел вонредна средба за распределбата на бегалците

Министрите за внатрешни работи на Европската унија повторно ќе разговараат на вонредна средба во Брисел за распределбата на 120 илјади бегалци помеѓу земјите членки.

Формално шемата може лесно да се претвори во европски закон, затоа што треба да се гласа со квалификувано мнозинство без владите да имаат право на вето. Ротирачкото претседателство на Луксембург преферира да најде консензус наместо силно да ја наметне одлуката на несогласните Чешка, Словачка, Полска, Унгарија, Романија и други, за да нема политички раскол во европското единство.

Поради оваа причина се очекува усвојувањето на компромисна варијанта, со која ќе отпаднат обврзувачките квоти понудени од Европската комисија (ЕК) соопштија дипломатски извори. На ист начин веќе се постигна договор за доброволен прием на 40 илјади бегалци од Италија и Грција.

Така нема да се создава преседан со кој ЕК да сака автоматски прием на повеќе мигранти во иднина врз основа на веќе прифатените квоти.

Бугарија исто така е против постојана шема за квоти, но се согласува да учествува во вонредната операција и распределбата на 120-те илјади луѓе. Во првичниот предлог бугарската квота предвидува 1,33% од вкупниот број или 1.600 бегалци за сместување во Бугарија.

Сите квоти сепак може значително да се променат, бидејќи Унгарија одбива да прифати како „земја на првата линија“ како Грција и Италија. Така од сметките отпаѓаат 54 илјади бегалци за преместување од Унгарија и не е јасно од каде ќе се земе овој број за да се постигне целта од 120 илјади.

Се очекува да отпадне и текстот за финансиска казна за откажување од прием на бегалци. Официјално ЕК продолжува да тврди дека без принудни квоти распределбата нема да е ефективна. Ако и денес нема резултат, прашањето ќе биде дискутирано во среда од лидерите од ЕУ, кои ќе се соберат на неформален состанок во потрага за излез од бегалската криза.

Слично

Поврзани вести