ВНАТРЕ ИМАЛО 500 ПАЦИЕНТИ: Застрашувачка е состојбата во болницата во Газа
Палестинците тврдат дека главната болница во Газа деноноќно е бомбардирана. Ахмед ал-Мохалалати – хирург во болницата Ал Шифа во Газа, изјави за „Ројтерс“ дека здравствената установа била под континуирано бомбардирање повеќе од 24 часа.
Внатре имало 500 пациенти, а другите си заминале.
„Тоа е целосна воена зона. Сосема застрашувачка е атмосферата овде во болницата“, рече тој.
Претходно, директорот на болницата Мухамед Абу Салмија изјави за „Ал Џезира“ дека заштитата на пациентите е најважна.
„Контактиравме со Црвениот крст и ги известивме дека останавме без вода, кислород, гориво и се’. Предвремено родените бебиња, пациентите на интензивна нега, па дури и ранетите не можеа да преживеат без струја. Доколку окупаторските сили сакаат да ги евакуираат ранетите на кое било место во светот кој е побезбеден од Појасот Газа, ние не сме против тоа“, рече директорот.
Министерството за здравство предводено од Хамас објави дека последниот генератор на болницата останал без гориво вчера, при што починале предвремено родено бебе, уште едно новороденче во инкубатор и уште четворица пациенти.
Израел вети дека ќе помогне да ги преместат бебињата.
Најмалку 37 предвремено родени бебиња кои се згрижени во болницата Ал-Шифа се во опасност од смрт поради израелското ембарго за гориво, според Министерството за здравство предводено од Хамас.
