Вирусот Зика може да се прошири и во Европа?
Вирусот Зика, кој предизвикува аномалии кај бебињата и поретко привремена парализа кај возрасните, би можел во наредните месеци да се прошири и во Европа.
Ова може да се случи со растот на температурите, иако ризикот е помал, потврдија денеска здравствените власти.
„Степенот на ризик од ширење на вирусот се разликува од земја до земја. Ги повикуваме државите во кои можноста од ширење на овој вирус е поголема, да ги преземат сите неопходни мерки за спречување“ - изјави Жужана Јакоб, директорка на регионалната канцеларија на СЗО во Европа.
Зголемените мерки на претпазливост значат намалување на бројот на комарците од типот Аедес, кои се преносители на овој вирус и оспособување на здравствените установи за откривање на заразените.
СЗО информира дека најголем ризик има за Европа, португалскиот остров на Атланскиот Океан, Мадеира, бреговите на Црното Море на Русија и Грузија и грузискиот отцепен регион Абхазија.
