(ВИДЕО) Смртоносен жолт облак од хлор во Јордан уби 13 луѓе
Во експлозијата што предизвика ширење на отровниот гас хлор во пристаништето Акаба во Јордан загинаа најмалку 13 лица, а 250 се повредени.
Резервоар наполнет со 25 тони хлор падна од кран во пристаништето Акаба, на североисточниот брег на Црвеното Море, што предизвика експлозија од која настана облак од светло жолт отровен гас во воздухот.
На видеото објавено на Твитер страницата на државната телевизија се гледа како резервоарот за складирање паѓа од кран и удира во палубата на бродот, како и луѓе кои бегаат од жолт облак што се издига. Локалните власти апелираа до граѓаните на Акаба да останат во своите домови и да ги затворат прозорците.
Службата за цивилна одбрана на својата Фејсбук страница објави дека се ангажирани специјализирани тимови за справување со гасот, а биле испратени авиони за евакуација на луѓето од Акаба кои биле загрозени.
Poisonous gas leak , Jordanian port of aqaba. Ten people have been killed and more than 251 others injured by a toxic gas leak at Jordan's Red Sea port of Aqaba. pic.twitter.com/yR4CTNaJH5
— Jahidhussain (@JahidHussain2) June 27, 2022
Јорданскиот премиер по инцидентот отишол во градот и ја посетил болницата во која се сместени дел од повредените. Областа каде што се случи експлозијата во заливот Акаба е оддалечена околу 20 километри од израелскиот град Еилат, кој исто така е загрозен поради отровниот гас. Акаба има 188.000 жители, а околу 50.000 живеат во Еилат. Двата града се поврзани со копнеен граничен премин.
Хлорот е широко употребувано средство за дезинфекција и прочистувач на вода, но доколку се вдишува, гасот се претвора во хлороводородна киселина, што може да доведе до внатрешно согорување и задушување поради ослободување на вода во белите дробови.
