(ВИДЕО) Се истражува смртта на 26 тинејџерки чии тела беа најдени во морето
Италијанските власти почнаа истрага за причините за смртта на 26 тинејџерки чии тела пред два дена беа пронајдени во Средоземното Море.
Се верува дека девојчињата, на возраст од 14 до 18 години, се од Нигер и Нигерија и преку Либија се обидувале да стигнат во Европа. Нивните тела вчера беа префрлени во италијанскиот град Салерно.
Обдукциите на телата ќе бидат извршени денеска, а ќе се истражува дали девојките биле мачени или сексуално малтретирани, поради сомнежот дека се убиени за време на патувањето по Медитеранот.
Спасувачките служби јавија дека по бродоломот во Средоземното Море ги нашле преживеаните како се држат за остатоците од бродот, а телата на тинејџерките биле околу нив. Петмина емигранти се на испрашување во Салерно.
