(ВИДЕО) Руски авион е соборен во Сирија, терористи го убија пилотот
Бунтовниците од сириската опозиција денеска објавија дека собориле руски воен авион во сириската провинција Идлиб, а подоцна потврди и руското Министерство за одбрана додавајќи дека пилотот успеал да се катапултира, но бил убиен од милитантите.
Авионот Су-25 е урнат во близина на градот Маарет ал Нуман, а пилотот е фатен околу 5 километри од местото на уривањето. Тој успеал да се катапултира во регион под контрола на милитантите на Ал нусра фронтот, поранешната сириска гранка на Ал каеда, објави руското министерство.
„Пилотот е убиен во борба со терористите. Според првите информации, авионот е погоден од мобилен противвоздушен ракетен систем“- се вели во соопштението на руското министерство.
На социјалните мрежи се објавени снимки од урнатиот и запален авион.
Идлиб е последното упориште на опозицијата во Сирија, а таму владеат екстремистички џихадистички групи, дел поврзани со Ал Каеда.