(ВИДЕО) Потпис на договорот за излез од украинската криза
Украинскиот претседател Виктор Јанукович и претставниците на украинската опозиција го потпишаа Договорот за излез од политичката криза, кој треба да ја спаси земјата од ужасот на граѓанската војна.
Договорот за кој во изминатите неколку дена се молеа сите, а најмногу Украинците, беше дочекан со радосни извици на Плоштадот на независноста во Киев, епицентарот на крвавите судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Сепак, оптимизмот е воздржан - во следниот период ќе треба да се види дали овој договор е доволен за да се надминат длабоките внатрешни поделби во Украина, заради кои најмалку 80 лица го загубија животот.
Украинскиот Парламент побрза да ја исполни првата обврска од важниот документ, па уште денеска го врати на сила Уставот од 2004 година, според кој овластувањата на украинскиот претседател се помали.
Парламентот исто така усвои закон кој би можел да биде основа за ослободување на поранешната премиерка Јулија Тимошенко од притвор. Освен ова отпочната е постапката за смена на министерот за внатрешни работи Виталиј Закарченко, заради „злоупотреба на овластувањата“ при интервенцијата на полицијата за време на протестите.
Согласно потпишаниот договор, дополнителни уставни реформи треба да бидат донесени најдоцна до септември, а до декември во Украина да се одржат и вонредни претседателски избори.
Демонстрантите треба да се повлечат од улиците и од окупираните јавни згради, како и да го предадат нелегалното оружје. Безбедносните сили ќе се повлечат од барикадите, а ќе употребуваат сила само за одбрана на јавните објекти. Ќе биде формирана Комисија за заедничка истрага на настаните кои доведоа до крвопролевање во земјата, а во неа ќе учестува власта, опозицијата и претставници на Европската унија.
Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни изјави дека САД го поздравуваат постигнатиот договор, но ќе го надгледуваат внимателно неговото спроведување.
Рускиот пратеник Владимир Лукин, кого претседателот Владимир Путин го испрати во Киев, изјави дека во разговорите за излез од кризата е остварен напредок, но додаде дека Москва уште има прашања околу спогодбата потпишана со посредство на ЕУ и потврди дека тој не ставил потпис на документот.
Претходно полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски го поздрави договорот. „Добар компромис за Украина. Му дава шанса на мирот. Отвора пат за реформи и за Европа“, напиша тој на Твитер.
Сикорски, кој беше директно вклучен во дипломатските напори за постигнување на договорот, и самиот ги убедуваше демонстрантите да се согласат со документот. „Ако не го прифатите ова, ќе имате воена состојба, ќе имате армија. Сите ќе бидете мртви!“, му кажал Сикорски на еден од опозиционерите, а тоа го регистрирале и камерите.
http://www.youtube.com/watch?v=JCpbzd7yeYM
Слично
