Напнато e кај џамијата Ал Aкса, a Палестинците ноќеска се забарикадираа внатре.
Тоа го зголеми стравот за конфликт доколку израелската полиција одлучи да ги отстрани од локацијата. Од почетокот на неделната муслиманска утринска молитва, т.н Утринската молитва, влезот во комплексот Темпл Монт, свето место за Евреите, муслиманите и христијаните, бил отворен, а полицијата не се обидела да ги отстрани палестинските верници кои се молеле во Ал Акса, пишува дневниот весник Ерусалем Пост.
Посетата на Евреите на Ал Акса требаше да започне утрово, а засега е нејасно дали израелската полиција ќе се обиде да ги отстрани палестинските верници. Ерусалим пост наведува дека околу 200 еврејски верници чекаат да влезат во комплексот Темпл Монт.
Јорданското Министерство за надворешни работи синоќа предупреди на „катастрофални последици“ доколку израелските полициски сили влезат во Ал Акса за да ги отстранат Палестинците, нагласувајќи дека таквиот потег ќе ја сврти ситуацијата кон „поголема тензија и насилство, секој ќе ја плати цената“.
Израелското Министерство за надворешни работи во реакцијата одговрои дека „оние кои ја сквернават светоста на џамијата Ал Акса и се забарикадираат во неа се опасна толпа, радикализирана и поттикната од Хамас и други терористички организации“.
Портпаролот на Хамас за градот Ерусалим, Мухамед Хамаде, предупреди дека, како што наведе, „агресијата на окупаторите ќе биде дочекана со отпор и одговор на злосторствата на окупацијата на начин што е пропорционален на големината на злосторството“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му порача на израелскиот претседател Исак Херцог дека неговата земја нема мирно да ги набљудува провокациите во Ал Акса.
Ердоган телефонски разговарал со Херцог за најновите упади на израелските сили во комплексот на џамијата Ал Акса, како и за нападите врз верниците на светите места, соопшти Дирекцијата за комуникации при Канцеларијата на турскиот претседател, јави Анадолија.
Велејќи дека последните инциденти ја повредуваат совеста не само на муслиманите, туку и на целото човештво, Ердоган нагласи дека Турција не може да молчи пред провокациите и заканите за статус кво и духовноста на џамијата Ал Акса.
Тој истакна дека не смее да се дозволи ескалација на тензиите што се шират во Појасот Газа и Либан.
Израел деновиве го нападна јужен Либан и продолжи да бомбардира цели во Појасот Газа, сигнализирајќи сѐ поголема ескалација во регионот по овонеделните насилства во Ерусалим.
фото Принтскрин