(ВИДЕО) На седум дена до Светското првенство: Тотален хаос во Сао Паоло!
На една недела до стартот на Светското фудбалско првенство, станува се појасно дека Коринтијанс Арена во Сао Паоло, каде треба да се одигра првиот натпревар меѓу Хрватска и Бразил нема да биде завршена навреме. Нема да биде готова ниту пропратната инфраструктура, а градот е преполн со демонстранти заради високите цени за организација на мундијалот.
Демонстрантите вчера во целост го блокираа сообраќајот околу стадионот. За следните денови закажан е голем протест на работниците на подземната железница, а штрајк најави и сообраќајната полиција. Синдикатот на железничарите бара 10% овисоки плати, додека управата е подготвена да понуди покачување од само 8% што не ги задоволува работниците.
http://www.youtube.com/watch?v=wKE0x-uWHM8
„Ако има пари за Коринтијас Арена и за организација на Светското првенство, тогаш има и за нашите плати. Зошто нема пари за јавниот превоз?“, прашува претседателот на Синдикатот, Алтино Мело дос Празерес.
Штрајкот ќе влијае на 4,5 милиони луѓе кои секојдневно ја користат подземната железница во овој најголем бразилски град. Сао Паоло минатиот месец беше погоден со штрајк на шоферите на автобуси, што предизвика хаос особено во приградските населби во градот што заедно со предградијата има околу 18 милиони жители.
Вчера протестираа и повеќе од 10.000 бездомници, кои маршираа токму покрај стадионот. Тие ги блокираа главните улици, а им се придружија и 500-тина пензионирани полицајци, кои бараат поголеми пензии.
Ќе штрајкува и сообраќајната полиција, а штрајкот на федералната полиција беше избегнат во последен момент, кога Владата на полицајците им вети покачување на платите за 16%.


