Економија, финансии, бизнис

Контакт

Маж го избоде познатиот писател Салман Ружди кому исламистите му се закануваа

Маж го избоде познатиот писател Салман Ружди кому исламистите му се закануваа

Во Њујорк денеска маж го нападна познатиот писател Салман Ружди (75), кому исламистите со години му се закануваат со ликвидација поради фатвата објавена од иранскиот ајатолах Хомеини во 1989 година. 

Нападот се случи денеска во пресрет на предавањето што писателот требаше да го одржи во град во западниот дел на државата Њујорк. 

Полицијата на државата Њујорк потврди дека Ружди се здобил со убодна рана во вратот и со хеликоптер е пренесен во болница. Човекот кој го нападнал е уапсен и е во притвор.

Ружди денеска требаше да зборува во институтот Чаутаука во државата Њујорк за САД како азил за писатели и уметници, „како место за креативно изразување“, соопшти институцијата.

Репортерот на Buffalo News разговарал со очевидци на бруталниот напад врз Салман Ружди. Тој за Би-Би-Си раскажал како напаѓачот излетал од публиката со црна маска, се качил на бината и почнал да го напаѓа Ружди.

Веднаш потоа, 10 до 15 луѓе кои дошле да го слушаат Ружди дотрчале да му помогнат на писателот и го совладале напаѓачот. Ружди лежел на бината околу пет минути, а потоа публиката му помогнала да стане и го симнале од бината. Подоцна е евакуиран со хеликоптер во локалната болница.

Новинарот наведува дека Ружди често патувал со силно обезбедување.

Американскиот ПЕН, организација посветена на литературата и правото на слобода на изразување, реагира на денешниот напад врз Салман Ружди.

„Не можеме да замислиме каков било инцидент што може да се спореди со денешниот јавен насилен напад на писател на американска територија. Ружди посвети огромна енергија за да им помогне на писателите на кои им се закануваа и покрај фактот што со децении беше прогонуван поради сопственото пишување“, стои во реакцијата на претседателката на американскиот ПЕН, Сузан Носел.

Носел истакнува дека Ружди ѝ испратил е-пошта само неколку часа пред нападот и ѝ понудил да помогне во поставувањето на дела од украински писатели.

Полицијата на државата Њујорк објави дека напаѓачот го повредил и модераторот кој требало да го интервјуира Ружди. 

Слично

Поврзани вести