(ВИДЕО) Колони возила долги до 20 километри се „заглавени“ во снегот во Полска
Снежнo невреме има во Полска каде граѓани се затекнати на автопат и останаа заробени во своите автомобили.
Снежните наноси предизвикаа колони од возила долги до 20 километри на автопатот помеѓу главниот град Варшава и балтичкиот пристанишен град Гдањск во текот на ноќта, соопшти полицијата, пренесува „Хина“.
Заменик-министерот за инфраструктура Станислав Буковиец на прес-конференција изјави дека никој не е повреден. Ана Карчевска, портпаролка на полицијата во Острода, изјави дека полицајците се обиделе да им помогнат на заглавените возачи.
Острода се наоѓа на автопатот околу 40 километри западно од Олстин.
„Помогнавме колку што можевме, а на возачите им понудивме кафе и топол чај подготвени за нас од Градското собрание на Острода“, рече таа.
Државната новинска агенција ПАП објави дека имало и прекини во железничките и аеродромските услуги, но дека транспортните услуги се враќаат во нормала.
foto printskrin
