(ВИДЕО) Кој е човекот што го испрска со мастило Субрата Рој?
Хаос пред Врховниот суд во Делхи, каде што индискиот бизнисмен Субрата Рој одговара за измама тешка повеќе милијарди долари. Рој утрово беше доведен во судот од притвор за да одговара на обвиненијата покренати против него.
Пред судот го дочекаа голем број новинари, но и гневни граѓани. Еден од нив со црно мастило го испрска лицето на бизнисменот, пред да биде совладан од полицијата.
Според дел од индиските медиуми, напаѓачот се претставил како Маној Шарма, адвокат. „Фрлив мастило во лицето на Субрата Рој затоа што тој е крадец и ограби многу сиромашни луѓе“, објаснил Шарма.
Според други медиуми, 30-годишниот напаѓач се претставил како инвеститори кој и самиот бил измамен. Шарма бил и претходно познат по слични напади, а еднаш фрлил чевел врз пратеник во индискиот парламент.
http://www.youtube.com/watch?v=TwgwiaZphF0
Наспроти него, поддршка на Субрата Рој по неговото апсење му изразиле неколку „боливудски“ ѕвезди кои организирале пресконференција да бараат негово ослободување. Режисерот Рамеш Сипи, актерите Џони Левер и Фардин Кан, како и повеќе индиски пејачи, одбиле да ги коментираат обвиненијата против Рој, но го фалеле неговиот „патриотизам“ и изразиле увереност дека „тој не би измамил никого“.
Но, притоа наишле на остри прашања од новинарите и биле принудени да ја прекинат преконференцијата кога сфатиле дека е тешко да се одбрани Рој, пишуваат индиските медиуми.
Индискиот бизнисмен денеска лично се извинил пред судот затоа што не можел да присуствува на последното рочиште, со што го предизвика Врховниот суд да издаде потерница против него. Судиите го прифатиле извинувањето на Рој.
Акциите на Сахар Хаусингфина, една од компаниите на Рој, денеска загубија 3% од вредноста, во пресрет на судското рочиште против индискиот бизнисмен.
Слично
