(ВИДЕО) Израел сака да анектира дел од Либан?
Израелските сили вчера бомбардираа мостови во Либан.
„Израел треба да ја прошири својата граница со Либан сè до реката Литани на длабокиот југ на земјата“, изјави денеска израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрих,
Тоа беше најдиректната изјава досега од висок израелски функционер за заземање на либанска територија во конфликт за кој Израел вели дека е против терористите на Хезболах кои добиваат поддршка од Иран.
На 2 март Хезболах испука ракети кон Израел. Оттогаш, Израел нареди евакуација на населението јужно од реката Литани, сметајќи ја областа за упориште на Хезболах, и спроведува тешки бомбардирања.
Либанските власти велат дека повеќе од 1.000 луѓе се убиени во израелски воздушни и копнени напади, а повеќе од еден милион се раселени откако Израел нареди евакуација на големи делови од земјата.
Смотрих во радио емисија рече дека воената операција во Либан „мора да заврши со сосема поинаква реалност“, вклучително и промена на границите на Израел.
„Јасно го кажувам ова… во секоја просторија и во секоја дискусија: новата граница на Израел мора да биде Литани“, рече тој.
Смотрих, лидер на мала крајно десничарска партија во владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, често изразува ставови што одат подалеку од официјалната израелска политика. Канцеларијата на Нетанјаху сè уште не ги коментираше неговите изјави.
Министерот за одбрана, Израел Кац, претходно наговести за можноста за територијално преземање, предупредувајќи дека Либан би можел да претрпи „губење на територија“ ако не го разоружа Хезболах.
Изјавите на Смотрих одекнаа во Либан, кој се бори да излезе од долг циклус на инвазии и окупации. Израелските сили неколкупати почнаа воени операции во Либан од 1978 година.
foto printskrin youtube
